церемонија (ж.)

Венчалната церемонија беше завршила и високите врати на катедралата се отворија да ги пропуштат зетот и невестата.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Малечките балкански државички без церемонија ќе ги земат во свои раце сите доходи од завојуваните делови на Македонија, а Македонците ќе се обрнат во просјаци, откако ќе си ги загубат првин своите национални особини.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Главната церемонија се одвиваше на еден голем простор во кампусот.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Влегувањето кај султанот беше голема церемонија.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Церемонијата се сврши брзо, бидејќи на Велигден нема многу пеење в црква.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сѐ уште расположен заради топлиот прием на христијаните таму и возбуден по седумте дена поминати во церемонии на прочистување во храмот, беше навистина изненаден од бесот на толпата со која се соочи.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Церемонијата започна со вообичаеното читање на словото на законот за бракот и обврските што тој ги носи.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Тиранинот е мајстор на церемонијата.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Ѝ ја опиша малата фригидна церемонија што му ја наметнуваше Кетрин еднаш неделно во точно истиот ден.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Сите останати адети и почести кои не се наведени погоре, можат спонтано да се одржат, со взаемен договор на обете страни, доколку се согласни, земајќи ги во обзир тарифите предвидени за свадбените церемонии.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Јас дотогаш понекогаш и си помислував дека и мене може да ми се случи да морам да заминам негде џенем, се разбира ако одлучи татко ти да си замине дома, во Новодеревјановское; жената секогаш е врзана со некој невидлив конец за мажот; ние сме сенки на чекорите на мажите; иако јас и не го прифаќав којзнае колку тоа; мислам на женското почитување ; но не зборувам само за себеси; зборувам за жените; за нивните среќи и несреќи; да, дотогаш помислував оти може да се случи и тоа, да заминеме некогаш заедно кон тоа негово Новодеревјановское; но тој ден, кога на чардакот кај дед Павел ја видов сета онаа церемонија, и оние глави без шапки што се веднеа пред Истокот како пред кандило, сфатив дека на Козаците и на другите Белогардејци им нема враќање, дека тоа никогаш нема да се случи, и дека стојам помеѓу луѓе откорнати од некоја огромна далечина и којзнае како довтасани дури до овде, до чифликот на некој си Турчин кој исто така е откорнат одовде и е фрлен којзнае каде, негде во Азија ли, во Анадолија ли, и тогаш навистина повторно помислив на Војните и повторно во ушите ги слушав проклетите војнички труби без да знам кој со кого војува, кој на кого му копа гроб, кој кого го черечи.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Паметно беше дада да се всели кај мажот барем еден месец пред да се случи главната церемонија.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Кога заврши церемонијата, на излезот од салата ни даваа некои бисквити за подарок, а мене ми дадоа едно поголемо пакетче.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Во сенката под прозорецот Глигор и Арсо мирно гледаа во оваа необична церемонија.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Тоа беше како некоја погребна процесија. Но бесна процесија, во трк, со разбушавена коса, што подвриснува, настрвена кон север на некаква си церемонија.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Церемонијата беше куса, како кога ќе се запали свеќа, а потоа веднаш ќе се изгасне, додека чадот сѐ уште останува во воздухот.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Дури најпосле не се зададе полека, кротко, со сите свадбарски церемонии сериозниот дел од војската — со сите главешини: стариот сват, нункото, деверите, меѓу кои и зетот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
„Албанскиот муслиманин не им се потчинува на доктрините, ритуалите и церемониите, тој не бил верен на обврските од својата поранешна вера и затоа Отоманците ги гледале со преѕир.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Немаше церемонии, предавања, свечани заклетви.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
- Па нели церемонијата требаше да се одржи во мојот болнички апартман?
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Повеќе