охрабри св.

охрабри (св.)

Прашањата од нивото на свесност ја охрабруваат индивидуата да го изрази и да го определи значењето на правците на развој кои се случуваат во нивото на акција.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Ме охрабрува само еден страк трева што се подава од една пукнатинка меѓу поплочената патека пред скалите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сите владетели во сите времиња се обидувале да им наметнат лажна слика за светот на своите следбеници, но не можеле да си дозволат да охрабруваат каква било илузија која би можела да ја загрози воената делотворност.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Таа има за цел да ги поттикне и охрабри обесправените и исплашени македонски работници, и по судски пат да бараат остварување на своите права од работен однос.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Со Југославија отсекогаш сме имале одлични односи Излегував задоволен, охрабрен од претседателската палата.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Не ќе се предадам, шепоти или мисли и чека и другата судбина да го охрабри со нешто од својот живот, настан или име или што и да е, а до неговиот слух, достасува само шумолење на дожд и пак - квичење, потоа тажачка на животно.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Нема да добиете другари или охрабрување.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Паѓањето на Клефтис не само што го подигна моралот на Првиот корпус, чии единици цели четириесет и пет деноноќија крвавеа на неговите приоди, туку ја охрабрија целата грчка владина војска.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Грижливата нега со која беа опкружени ги охрабруваше по периодот на несигурност.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Спомнете си кој ви навредувал земја, и нека срцата охрабрат ваши!
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Бидете креативни, ослободете се од сите рамки и догми, размислувајте со своја глава и ќе видите дека првичните резултати ќе ве охрабрат.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Папата... Папата е дојден по идеолошкиот пекол во Скадар, градот маченик, во кој било жртвувано две илјади години старото верување, за да ги освети првите четири нови бискупи и да го охрабри троверниот албански народ во повратеното верување, од чии недра се извиши до универзална добрина светицата Мајка Тереза.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Неговото молчење нѐ охрабри и ние глупаво се шегувавме со него.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тоа го охрабри, или го насочи, или го поттикна, или просто го подлажа да напише еден драмски текст, од кој театарските уметници толку се изненадија што дури и се намуртија, па одвај се најде некој почетник режисер да го постави на една провинциска сцена, некогашна коњушница на некогашна касарна, што живуркаше со половина душа, одвај собирајќи премиерска публика, а не пак да собере некој денар за авторски хонорар.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Според еден член на британската воена мисија Perseverance Кларк „првата бригада го беше презела овој марш да го развее партизанското знаме и да се обиде да добие регрути кои тие мислеа постојат таму, како и да го охрабри дезертирањето од бугарската армија“.115
„Британските воени мисии во Македонија (1942-1945)“ од Тодор Чепреганов (2001)
Беа тоа само неколку зборови на охрабрување, од оној вид зборови што се изговараат во вревата на битката, поединечно нејасни, но кои ја враќаат довербата со самиот факт што се изговорени.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Величковски, кој сега работи во приватна агенција за обезбедување, а дополнително и како електричар и хаусмајстор на повик, охрабрен од добиениот спор и од тоа дека, сепак, и во нашата држава може да се добие судски спор за прекршени работнички права, е решителен за тоа дека и во иднина повторно би тужел доколку му биде повредено некое право од сферата на трудот.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“ од Димитар Апасиев (2011)
Овие зборови силно ме охрабрија. Никогаш не ги заборавив.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Тоа значеше нешто посебно, иако никоја од жените тоа посебно не можеше да го дефинира во конкретно сознание, но беше важно со самото тоа дека таквиот статус ги охрабруваше „типките”, како што Илона ги нарекуваше своите „колешки” од другите соби, да бидат сигурни во контактите и договарањата со неа.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Повеќе