она (зам.)

Зборуваме за војната, а она што нѐ тера да се бараме, го оставаме понастрана.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Плачеш еднаш за ова, плачеш после за она и сѐ во плачење ти поминал векот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Може да се допре со прсти и она што не постои, иако место злато, изложено на завитканите во кадифе витрини, зјае голиот асфалт.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Или од црните потони на мојата крв ќе избликнат непознати желби, и ќе биде доцна кога ќе излезат, никогаш веќе не ќе можам да мислам дека се мртви или остинати, и никогаш веќе не ќе бидам она што сум бил.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Се разбира оти се зачува само она што можеше да се зачува и што не сакаа да ни го земат, зашто не им беше нужно и не беше опасно за нив.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
И тие сега веќе беа побратими со смешување на крвта; тоа го носеше она неговото зрно во прекрасно скованото грамадно тело на неговиот прогонуван роднина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Додека стоеше, прифаќајќи го она предизвикување, размислувајќи уште оти растојанието е преголемо за него, тој виде дека мечката нема време да чека.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И така, бидејќи ми беше крајно здодеано да го започнувам секој ден на истиот начин, доручкувајќи во исто време, во истото опкружување (кое не можев да го променам, па решив барем она што можам, да го променам, да видам што понатаму ќе се случува и дали ќе предизвикам некоја временска дупка во хронолошкиот распоред на настаните), започнав со експериментот.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
А еве што се одиграваше во душата на малиот водоносец: После вечерниот разговор со старецот и сонот што го сони ноќта, во него како да се скрши нешто, одеднаш му се откри пред очите што станува околу него и каков подвиг означува борбата со блатото – она подводно чудовиште што го виде на сон.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Негово е она согледување дека едноличноста на грдото ги зазема најубавите места во нашите спомени иако не сум спремен да ги прифатам начините што тој ги предлага за да се надвладеат ваквите состојби.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Продолжи првин со одење, во кое имаше и демнеење на мигот, во кој таа и би се вратила, а кога човекот немаше со што да фрли, таа зеде пак да се шиба огромна и блиска, каква што беше, за да можеш да ги здогледаш и црните српови од ноктите на нејзините шепи, за да можеше да го видиш секое превиткување на тупата болка во нејзините скокови, за да можеш да ги видиш и нејзините крвави непца, за сето време испуштајќи некакво подмолно завивање, полно со една ужасна, здржана, придушена бол, а Змејко, кој уште на првиот нејзин чекор знаеше дека ќе мора да отстапи, сега, кога она завивање нараснуваше во некакво ужасно стенкање кај она ѕвере, готово да расчешне сѐ, што ќе му се најде на патот, го сети дивиот ветер како го подига угоре и како го урива во провалијата под неговите петици и расплакан и сосема совладан тој отстапи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Со инаетлива амбивалентност се обидувам да ги совладам сомнежите дека судбината не ги вмешала своите прсти во моите избори и одлуки и не би се случило она што се случи ако јас самата со целата присебност и свесност во моментите на рационалност го издлабував коритото по која тече реката на мојот живот.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
„А со она, со мажачката, што сѐ ти следува, што сѐ ќе ти биде одредено да носиш и да трпиш, тоа е сосема друга работа.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Иако се немавме видено од вчера изутрина знаев дека таа го имаше навлечено на дебелите меса она нејзино мини здолниште стегнато со кожен колан.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Може ли да се мисли оти на конференцијата ќе има поголемо едногласје од она што го гледаме сега во постапките на двете заинтересирани држави?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Бараше да се создадат претпоставки за воспитување и образование во школскиот систем, кои како прва и основна вредност ќе ја признаат националната култура, оти таа била „пиреј што не може да се искорне“, иако комунизмот, таа беда на духот се обидувала и тоа да го стори; рече дека денес, повеќе од кога и да е, се пристапува кон создавање народни спортски и пејачки друштва, младински и студентски сојузи, во кои се јакне националниот дух и свеста за народниот карактер на секоја голема уметност, а сѐ удира по сето она што одбива да се декларира како народна уметност.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ни телалите од долните села повеќе не одат средсело за да им го соопштат на луѓето она што самото по себеси се подразбира.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Газеа внимателно како да се прикрадуваат кон нешто зашто сепак не беа сигурни дека овој татнеж е она за што тие се досетуваа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Сега тој многу јасно го виде на белината и своето зрно како одлета од врвот на неговата пушка и како ја фати насоката на она ужасно ѕвере, просто следејќи го в петици и сигурно настигнувајќи го, сѐ додека не се вкопа во неговата распафтана арамиска зачекореност.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе