налик прид.
наликува несв.

налик (прид.)

О, бесрамна нека ми биде беседата нека биде вечен нескладот меѓу изгледот и суштината постојат волшебни приказни во коишто сѐ е налик на стварноста во коишто нема ништо што би можела да го објаснам ладнокрвно и рамнодушно!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Американската телевизија налик на голема училница во која се одржува пробна настава.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Една вечер враќајќи се со автомобил од некој концерт, мојот пријател Норман и јас останавме опсипени од сликата која изнурка од некој мрачен подвозник и удри во автомобилското стакло налик на ненадеен кошмар.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Како кошаре се отворив со матарка се премазав да се помамиш по мирисот да ми дојдеш матицо моја станав кревок и подгорен пергамент мозаик незаштитен со песок непрекриен со мрак се оптегнав како апсида за да стапнеш, конечно, во мене со поглед вперен угоре налик на реквием или псалм одекот да ти биде длабок.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Ако не се сетиш, не можеш да се сетиш, тогаш како некаде во главата, во мозокот, крвта да ти се згрушува, ќе почуствуваш нешто налик на потисок на одредено место во главата.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Можеби дури ќе успеете и да го заборавите додека се шеткате меѓу несмасните надгробни споменици од осумнаесеттиот век, понекогаш налик на вазни, што можат да се добијат на некоја уметничка лотарија, но почесто личејќи на облаци вкаменета пена од прашок за перење; потоа меѓу надгробните споменици од деветнаесеттиот век, интересни поради мешањето на рускиот класицизам и уште по нешто руско, се чини, духот на апсолутизмот и, најпосле, помеѓу надгробните плочи од последниве децении, неромантични, каков што е обичниот алат.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Ги грабаа своите палта за јаките, налик на животни кога ги фаќаат за врат своите малечки, ги облекуваа и брзо се враќаа на своите места.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Духот на таа вера просто блика од делото на Ренџов, ги буди спомените за детството, ги оживува приказните за нечестивите кои само ќе ја зголемат силата на Божјото име, ги подотвора пердињата на одаите во кои течеше еден живот налик на вечност, влегува во црквите и манастирските ќелии, и талка по далечините изгазени од нозете на аџиите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Како ги раскажувам соништата и кому Клошарите со посвета Предметите по употребата и мислите, Соблекување или почеток на разговорот и другите ненапишани песни одрани налик на волот на Рембрант крвта остава силен впечаток, нели има боја, вкус и позадина нели има свој пулс, своја група, свое месо станува естетски предмет или вода потаен жар се од нив ми гори под нозете.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Овој лик е присутен речиси во сите или буквално во сите досега објавени осум книги од Луановата „Балканска сага”, но сега, како да се здобива со статус на одделна целина, на една автономија на достоинството па, се извишува налик на биљур врз поворката од останатите впечатливи јунаци на оваа проза.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Кога ќе забележеше дека не можам да го следам во она што ми го кажуваше, правеше еден гест кој ни беше како поздрав, а и како знак да ја смениме темата за која разговаравме: со врвот на показалцот ми го допираше челото, па врвот на носот, па усните, и започнувавме да зборуваме за нашите мечтаења – посакувавме да заминеме за Венеција, само тој и јас, Венеција, која во копнежот по нашето заедничко постоење во тој град трепереше онака како што замислувавме дека трепери Месечината во водата на венециските канали, Венеција, со архитектура налик на тантела, која видена во книгите за тој град, пред нас во нашите замисли постоеше пореално и посилно отколку пред очите на многумина од оние кои биле таму, Венеција, секогаш кога ќе ја споменевме, како во некоја игра си ги приближував поддланките, спојувајќи ги местата на пулсирачките жили од двете раце, ги извивав малку прстите, правејќи така гондола, и запловував со гондолата- раце по воздухот.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Пепелта ја чува невиноста само во она што не е начнато од подмолни нагризи налик на црвојадина.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Беше чудно како тој тип луѓе налик на бубалки се намножува во Министерствата: мали набиени луѓе, кои се здебелуваат уште во млади години, со куси нозе, со брзи ситни движења, и со дебели непроѕирни лица и сосем ситни очи.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Нашиот татко ни се приближуваше единствено кога ни ги раскажуваше животите на Ное, Јаков и Мојсеј преточени во детски приказни и налик на бајка, а и понатаму ни остануваше далечен, постојано свесен, како што се свесни некои од луѓето кои направиле нешто многу подоцна од мигот кога требало тоа нешто да го сторат, за разликата помеѓу едно и друго време; нѐ гледаше нас, своите деца, кои бевме помали од децата на неговите деца од првиот брак, и можеби таа негова свесност беше најголемиот јаз меѓу нас и него, јаз кој нѐ тераше да го викаме „татко“ а не „тато“, „татко“ кое звучеше како – „господине“; не годините, не верата која тој ја имаше а која нам не ни ја даде, туку свесноста дека нешто направил предоцна и тоа предоцна е преголем јаз, беше она што му даваше форма на згрченост на секој негов гест, секој негов збор го правеше да звучи како предупредување, секоја негова топлина ја смрзнуваше уште пред да се упати кон нас.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Натпреварот за најдебела Американка нема да биде толкуван како карневалски бунт на грдото тело против убавото, или барем како негова логична спротивност, туку попрво ќе биде налик на административно допуштање на демократската Америка на постоењето на алтернатива, варијанта.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Тоа беше една повисока степен во естетиката на живеењето на маказарчани - не просто бели ѕидови на одаите, туку шарени, некаде со ситни цветчиња, другаде со крупни медалјони, на трето место со фигури кои беа почисти во линиите, налик на геометриски.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Зли усти имитираат кучешки лаеж, стар барабанџија со темно маслинесто лице, бронзени усни, налик на статуа, го кинеше од мене злобното завивање на омразата кон излитено пријателство од автодеструктивни пориви...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Брзо се свртеа назад, ги вкопаа погледите во сувиот ѕид налик на несмасен оџак, со по една камара од секоја страна и со главите собрани во рамениците брзо почнаа да се крстат.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Луѓето вчудоневидени се свртеа кон неа и тогаш ги видоа двајцата распашани, брадосани бугарски војници што беа налик на сеништа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Јајчестото огледалце налик на детско главче, забрадено со изрезбарена косичка од ореово дрво, одговори: ГОСПОДАРУ САКАН, ТАМУ ЗАД ПРАЗНАВА ТОЧКА, Е ОНА ШТО ВЕКУМ ГО САКАШ И ТЕ САКА.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Повеќе