лакт (м.)

Се потпрев на лакти и лицето го пикнав во потокот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ќе ги закопаш колената в трева ќе се потпреш на лактите и ќе го пикнеш клунот во брзакот.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Плеткаат така подмакани до лакти во ракавите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
И се влечкаше нагоре, на колената и на рацете; снегот како да беше направен од големи тврди скрупци, од чијшто студ набргу во неговите подноктици му се всади и една гола бол, но тоа не мораше да биде забележано со некакво особено внимание, додека заминуваше со лицето во тој снег, бидејќи дланките можеше секогаш да ги замени со лактите и да продолжи да чекори и на нив.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тој се оптегнува, го забодува лактот лактот и раката го стегнува длетото.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Во мускулите, од рамото до лактот, боцкаат тапи иглички и длетото на двапати му падна од раката, која започнува да ја губи својата способност.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Седи со нозете расчекорени, со лактите на колениците и со броеници во рацете. Броениците не се обични броеници.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Отсекаде раце се подаваат, те дрпаат за лакти, за скутина: те молат да им дадеш нешто. А што да им дадеш кога и ти си како нив.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Меѓу зимските алишта што ги чуваше мајка му здиплени лете под нафталин на дното од креденецот, го пронајде својот омилен сив џемпер, продрснат од носење и закрпен на лактовите, па го оддипчи и сосе нафталинот во него ги завитка цокулите и така стуткан го пикна во раницата.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Девојка во војничка униформа, потпрена на левиот лакт без престан ѝ мафта со десната рака и ја вика да дојде.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Поминувајќи покрај него, Мече го погледна ѓаволесто и замавна како да ќе го удри со лакт во слабини, а кога тој уплашено се изви на страна, Мече се исмеа слатко и потрча по Белича, кој што беше изминал подалеку по патот за бригадниот логор.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Наталија ме поттурнува со лактите и вели: — Некој мора да си го собере јазикот оти крв ќе падне.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Потоа бркна во своите муси шалварести бечви меѓу гајтаните каде што му беше џебот, ја напика надолу раката скоро до лактот и извади клуч.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Ме вртат колената и лактите, ми пукаат зглобовите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Од трчање и влечење во шумата и ливадите, лактовите и стапалата им се голи, искинати фустаните.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Земјата лесно се сурива и тој, потпрен со лакти и колена, сантиметар по сантиметар лази напред.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Павле ги забодува лактите и се завлечува напред. Му се слошува нешто.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Во тој момент и Рангел седеше замислен, опрен со лактите на маса.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Се поткрена на лакти и сонливо се изразгледа.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Просторија со низок плафон, преполна со луѓе, со ѕидови потемнети од допирот со безбројни тела; исчукани метални маси и столови, поставени блиску еден до друг, така што луѓето се допираа со лактовите; искривени лажици, накршени подавалници, груби бели чанчиња; сите површини измастени, нечистотија во секоја пукнатина; и еден киселкав, измешан мирис на лош џин, на манџа со метален вкус и на нечисти алишта.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Повеќе