лаком (прид.)

Затоа што власта само зема, затоа што е алчна, лакома, свирепа, бесчувствителна спрема сакањата и прижелкувањата на малечките и беспомошните, сиромасите, осамениците и немоќните.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Јас сето тоа го слушав и ги држев колената на татка и се вовлекував во неговиот скут опседнат од приказната што лакомо ја прибирав и запишував на белите страници на мојата детска душа.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Остатокот од пешникот ѝ го подаде на Мара и потоа тројцата засркаа од гравот, држејќи ги во едната рака коматот леб, во другата лажицата. Братучедите лакомо јадеа.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Сликата ти е недофатна божја, сатанска, бесмртна бела, охола ало, лакома суето, Киту твојата јасна росна јарост крвавиот рев вресот на твојата пена - грбна лавовска локна зборот може поверно да те опише од било која икона, лажен идол -развратен знак на китоловците- Милосрдна срж, срцевино, божилаку казни ги поганите: скриј ја вистината ‘рскавицо на покајанието послушај го умот на бога Магу, уживач на морски бездна - утробата на светот Цицалче големо лицето исцели си го од длабочини, Ламјо совршена прскава, мрсна, врела, отровна...
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Пламенот беснееше грабејќи лакомо од сувата слама.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Види шо детенце е, натемаго! Кротко како јагне, лакомо како прасе, јаде и се оближуа како маче А види пак шо убаво се учи.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Е, бидејќи капитализам без богати не бидува, и кога тоа го намирисаа лакомите и арамиите, се сјатија и ја соголија земјата, па, чиниш, сиромаштијата брезничка како лишај се рашири по целата земја.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Кучињата чекаа пред вратата. Им фрли по едно парче, внимавајќи да не се степаат, тие ги голтнаа лакомо, речиси без задржување в уста и со широко отворени очи пак се испречија пред Бојана.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
И сега, греејќи се покрај овој гопем оган запален сред црква, со опуљ лакомо свртен кон иконите не за да се молиме, ами за да ги изгориме, небаре ја уништуваме целата надеж ние, борците за народна власт.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Инаку постојано тонеше во бунило; му се заплеткуваа некакви полипи околу нозете и го тргаа надолу кон длабоките води во кои тој не можеше да дише; се задушуваше, скокаше, се поткреваше од креветот и дишеше лакомо од воздухот за да се поврати во живот; со погледот шеташе низ болничката соба и се мачеше да се дофати за нешто: за лустерот на таванот, за вентилаторот, за корнизите на прозорците, шишето обесено над него од чија течност му се полнеше телото за да му се врати силата; се мачеше да се дофати за било што само да не втонува надолу, да не им дава на полипите да го тргаат во длабоките води каде што не може да поземе воздух.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
9 Мотив: црквата и гробиштата: Оддалеку најпрвин се забележуваат крошните на столетните дрвја припиени една во друга, грабејќи го лакомо просторот полн сончевина и отворен кон езерото до кај што окото гледа; црковната ограда е ниска и тие ја наткрилуваат, се префрлуваат преку неа со своите крошни, ги пробесуваат и ги спуштаат како зелени водопади; кога ветерот ќе го разниша зеленилото, се покажува камбанаријата и црквата издупчени од гранати; при секое удирање на камбаната, малтерот се лупи и паѓа како кожа од рани; на влезот од црквата сѐ уште стои на ѕидот св. Ѓорѓија качен на коњ и со копјето ја држи змијата прикована за земјата; наместа малтерот е паднат, та змијата е излупена во опашката, но јазикот ѝ е црвен, свеж и заканувачки издаден; гробиштата околу црквата се расфрлани без ред.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Авторите на Џумајската авантура, коишто дејствуваа од името на бугарската влада и бугарскиот дворец и кои што ја повторуваа 1895 година... и ги дадоа сите адути на турската влада, а потоа и на српската и на грчката, коишто секогаш гледале лакомо на Македонија, да мислат дека македонското население е просто орудие за спроведувањето на политиката на еден внатрешен државен актер и дека, следствено, треба да ги преземаат сите мерки за осуетување на неговите планови.
„Солунските атентати 1903“ од Крсте Битоски (2003)
Со него, паралелно во ист ритам, одеше и неговиот бик Чако, разјарен, лаком во своите потреби, кој подгонет од неудобноста на студот, веднаш јурна низ угорницата, без да го почитува својот стопан.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Чувствувајќи го мирисот на исконот, оној ист мирис на малото човече на своите гради, ја почувствува истата онаа топлина кога "лотосот" лакомо ја голташе течноста на животот од нејзините гради.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Тоа беше мошне дебела, лакома жена од некои четириесет години, која сакаше да спие на воздух, во градината, под мирисниот клен.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Ама лакомиот готвач ставил од брашното во манџата.
„Постела на чемерните“ од Петре Наковски (1985)
Орачите навалија лакомо да јадат и цели корки, голтаа, бидејќи и сношти беа без леб, та од вчера како каснаа, немаше сношти што да вечераат, ни да појадат сабајлево, а ете веќе 78 саати како ги тресат ралата и како запињаат гладни.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Човечката уста, колку и лакома макар и по стрвост, ретко се отвора по нив, зашто насетува дека ќе се собере како шупче пред неговата скоменина.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Знам оти беше едно време во Солун, та секако научи баре толку, а повеќе не ти ни требе за сега Бино ги погледна жолтиците со лаком поглед, a Димо сети како да успеа и го покани да влезат во анот на дедот Налета, којшто беше касиер на грчката организација за Мариово, бидејќи и тој беше мариовец.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И така тука не бил од времето кога уште пред години пријателот Муса кој подоцна се исели од Труција, го однесе на ручек во бањата во Банско каде што успеа да изеде осумнаесет јајца половина час варени во бањскиот извор на температура од околу седумдесет или седумдесет и пет степени, додека неговиот пријател Муса лакомо изеде цели дваесет и осум јајца.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
Повеќе