мал (прид.)

Ќе направеше мала починка и ќе нѐ праша дали слушаме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Детето цица, ги подотвора очињата, потклоцнува со ножињата и една мала шурка млеко му се одблиснува на обравчето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Меѓу нив мали куќички.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Следното утро ние отпатувавме. И никогаш повеќе не го видовме малиот коњаник и неговиот белец.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
ЖЕНА Се бара жена Невина и чесна А да не е од мала Преспа
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Тогаш ќе се има можност да се види оти нашите интереси се така сплетени со нивните што со загубувањето на едните губат и другите, а сета полза од нашето непријателствување ја извлекуваат трети, ќе се рече, малите балкански држави.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Измислици дозирани во мали пластични насмевки.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
ЌЕ ИЗГРАДАМ ГРАДИНИ И ШАДРВАНИ И ОД МАЛИТЕ МОМЕНТИ НА СРЕЌА ЌЕ НАПРАВАМ ВЕЧНОСТ СО НАСМЕВКА ПОГОЛЕМА ОД ЖИВОТОТ
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Немаше друг со кого можев да ја споделам радоста од таа мала дипломатска среќа.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
В тишината балансира зелен водоскок тажно извишен и кроток стои тој Децата ги ронат гнездата на звуците па е така безнадежно сам Ослони се одмори се невина на рамената на ветерот не ведни се крени се за еден поглед мал над оваа премногу нерамна висока разбранета ливада на куќите Тогај накваси го грлото на нивните црвени треви тие ја помнат земјата што те роди
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
4. Сетики знаете дека има разни коали Има коали чауши и обични мали гладни коали Има коали со здрвени вратови Од сонување саде во една иста положба Има коали кои не гледаат ни централни ни споредни вести И ич бутур не им е заради тоа Коалата не е коала ако не грицка лисје од еукалиптус
„Сонот на коалата“ од Ристо Лазаров (2009)
А еве што се одиграваше во душата на малиот водоносец: После вечерниот разговор со старецот и сонот што го сони ноќта, во него како да се скрши нешто, одеднаш му се откри пред очите што станува околу него и каков подвиг означува борбата со блатото – она подводно чудовиште што го виде на сон.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
На мала цврста лединка прскаат жолти сонца под копитата на гладот Темни концентрични тежини бујат над пејсажот зрел што плаче со искри од леб Луд виор од млади надежи сонува шарени звуци – широка песна на ветрушка Огромни товари ден лазат по долгиот пат од солзи и од смев
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Само одделното македонско национално самосознание кај нас ни дава морално право да се бориме против барањето на малите балкански држави да се раздели нашата татковина и да се бориме против пропагандите што готват почва за дележ.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Исто така мнозина ќе забележат оти малите држави се однесуваат со таква недоверба кон улогата на Бугарија во Македонија како што се однесуваа големите сили кон улогата на Русија во бугарското ослободување.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
На Балканот разделените народи во променливите и нестабилни граници, во малите држави нации, не можат да се ослободат од митот дека некогаш претставувале големи царства и дека треба да го повратат стариот сјај.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Повеќе не се нервирам, решив да преживеам. Гледам како малите тивки патриоти ги преместуваат кириличните книги во подрумите, на своја рака, се разбира, но еден ден потомците ќе им бидат благодарни.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Кога стадото замечтано од ливадата зачудено ќе ме погледне а малото овчарче ми мавне со раката Таго на детството напуштено Тоа ти ме викаш назад во своите сонливи длабочини.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
На асталот во трпезаријата секогаш имаше беспрекорно чист бел чаршав и салветки кои беа ставени во специјални држачи направени од сребро и коишто имаа форма на мали обрачи.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
Ќе копам додека да се завири вирче, мало огледало, и додека да се видам себе си во него, победите и славите, и сета добродетел моја. Да, мојата добродетел!
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Повеќе