Некоја надеж дека ќе поживее и ќе се исправи од јагнешки кожи крај огниште да се одмаздува со нова крв во жилите го движела висок и со прерано изгорен тил од сонце.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Уште долго го носеше оној мраз во своите жили, имаше еден таков впечаток за себе, додека се валкаше преклонет по удолницата, не ни забележувајќи ја длабоката крвава ораница во снегот, како божем таа да беше нешто далечно од него, како тој воопшто да не беше причината за неа, чувствувајќи се мал за тоа да биде некаква причина, и сега веќе не очекувајќи ништо од тој ден пред него, кој можеше во себе да крие нешто за секој друг, а за него тоа беше само еден празен ден.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Сѐ повеќе се тетеравел со отворена уста и без здив (со секоја воздишка ножот самиот од себе подлабоко се забуцувал в месо) и со цели стапалки, тврдо, несмасно, удирал по земјата, врз која, божем таа се ниша под него, со повремени ширења на рацете се обидувал да сочува рамнотежа.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)