ќе бараш наслови за следните книги
   Бесови песни, Лажна смрт, Плодни денови
   поетите ќе ги распознаваш по интонацијата
   а времињата и приликите според употребата
   на заповедниот начин
   карфиолот и модрите патлиџани ќе ги готвиш
   без рецепти, така што да побудуваат носталгија
   по домашно огниште и другите туѓи именки
 
   сеедно по којпат, сега чекаш
   - чекањето по дефиниција е бесконечно -
   можноста да напишеш песна лебди во собата
   како можност за љубов, како самовила
   цела како јајце, како гром, како Господ цела
   челото го збрчкуваш
   пред карстната перспектива на иднината
 
   и ги трошиш последните резерви надеж
   - тебе речиси непотребни.
               
             
           
            
            
              „Ерато“
               од Катица Ќулавкова 
              (2008)