ќаја м.

ќаја (м.)

Тие веќе си правеа во умиштата свои и беговски кули по сите мариовски села и поставуваа ќаи и субаши на секој чифлиг.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Ќаите ги кренаа бачилата, косачите им влегоа на ливадите, дрварите тераа дрва двапати денот, а кога пристигна седбата, ги оставија сите други работи и се загнаа да го соберат лебот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Последната мера млеко веќе не се сири, ами се тура во качето за „сирната недела“, а чорбаџиите што наполниле и две-три качиња ќе сторат севте уште на св.Јован за да се покажат и пред гостите на Свети Атанас дојде ли Петковден, тоа е меѓата до кога ќаите ќе ги пасат ругарските овци и кога ќе им ги лачат на стопаните тие што останале преку летото.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Сакам јас ќаа да бидам, та да се подучам како се пасат брави — му одговори Мирче.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Неколку години Илко оди јаловар, беа ќаи со бацка му Стоја; ама годинава ги сместија овците на руга кај Стрико Маловите, та сите тројца браќа тргнаа по полска работа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
„Ми кажуваат, меѓу селаните се забележува сѐ поголем бес и дрско однесување со ќаите и агите. Вистина ли е тој милет толку пис?“
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Секој од беговите – поединци имаше по чифлизите свои луѓе: ќаи, буљукбашии, сејмени, гавази, чауши, и којзнае уште колку други ушаци, маѓери, арамбаши, субаши, кои ја составуваа неговата лична одбрана и сила, со која ги држеа во покорност сите христијани по своите чифлизи.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Кога ќе излезеше во чаршијата, ако ќајата на занаетчиите не го отпоздравеше, тој помислуваше на пизмата од Тодора, која ете, го следи и надвор од дома и му го поросува патот со остри срчи.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Бачилата одамна „излегоа" и ќаите се разортачија, замешувајќи ги молзниците и јаловињата во еден булук.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Што ќе правеше со него уште не знаеше баш најчисто, но нели беше спремен да направи муабет за тоа со ќајата, божем бара од него совет како од прв пријател.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Дадено на ќаата на везирот Мустафа 26 сефер 973 год.   И Сефедин доби еден арапски коњ од султановото ергеле, го кладе ферманот во џебот и за дваесетина дена се врати во Прилеп.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Сафет-ефенди сега живееше со неа како ќаја во една поголема куќа среде селото Ајдинци: беше благ ќаја, справедлив, но и во тоа не беше промената, дури ако се земе предвид дека и недоверчивите селани, ненаучени на такво однесување, ќајата што не ги искористуваше го сметаа за недоветен и глупав.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Гладот ли што ги мачеше и нив исто како и џганот, или сликата на гладот што ја гледаа пред себе во партали, боси нозе како ѓон со крвјосани петици, гурелави очи и остри коски како сабји подадени под смрдените кошули на оние што ја преживеале чумата, ги издели некако двајцата од несреќните и ги направи поблиски, иако со сркањето од бакарните чанаци сакаа да покажат, ќајата - дека и покрај човечката слабост тој си е обезбеден пред допирот на несреќата, а тој пак - дека е благодарен и почестен што е со него.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
„Не е ретко, вели бегу, по собирањето на годишниот бериќет, ќајата на чифчиите да им одзема и од оној дел што ним им припаѓа.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Но отсега натаму да не дозволите ниту субашии, ниту ќаи и кој било друг да земаат муфте.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Тоа се сиромасите со 5—20 овчички, кои се прашаат како кој ќаа му ја теслимил стоката.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Тие фатија „трговија" со полјаците, ќаите, та дури и по понекој чифлигар и сите се вратија со по една две пушки, а потоа продолжија со „трговијата".
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Во Скопје тогаш навистина имаше осумдесет еснафи и уште повеќе занаети, и секој еснаф си имаше своја зграда со одаи, разни помошници на занаетчиите, и свој писар наречен граматик си имаше, и сите еснафи заедно си имаа еден заеднички ќаја, но да се биде писар-граматик, иако само на папуџискиот еснаф, не беше мала работа и мала чест.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Му рече ќајата: „Прво да се направи премерот, ибн Бајко ефенди.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Но ако Јосиф си беше папуџија на глас поради себе, сега и ибн Бајко се откачи од неговиот ченгел и наместо сиромашец, за ќајата Неби-ага почна да личи на прејаден гостин: ем ти е смачено од него, ем не го бркаш за да не се помести и да ти ја изблуе софрата.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Повеќе