срамува (несв.)
Ги држи двете дечиња за рачињата, се срамува да ги погледне, очите само право за да не се чакнат со тие четири искрички тука покрај него.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Ти не си дете, не се срамувај. Сите сме минале по тој пат. Добра ноќ! (Излегува)
„Духот на слободата“
од Војдан Чернодрински
(1909)
Ѝ се предадов на стихијата да го запишувам или поточно - само да го запишувам она кое се корнеше од мене во околности (се срамувам од зборот што ќе го употребам) - на неподносливи страдања, на стравотни болки во коските.
„Две тишини“
од Анте Поповски
(2003)
И мажите и жените се пресоблекуваа во полутемнината без да водат сметка дека нешто може да им се види, го правеа тоа махинално, набрзина, жените сувите фустани прво врз глава а мокриот под него полека го смакнуваа и немаше што да се види, ама мажите не само што не се срамуваа, туку тоа го правеа и со некое задоволство, ако некоја сака да види нека види, ако не сака има раце, нека си ги стави на очи.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
На некоја, ете, устата ѝ станала блага, мека, чиниш ѝ тече мед, друга те изненадила со долг и светол поглед, мил, срцето да ти го стопли, чиниш над главата ти се отворило небото, виножито, те гали, о боже, трета пак срамежливо ведне глава кон земјата, се срамува, кротко, како јагне, гледаш ѝ се позашилиле градите.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Од него не се срамуваше: колку пати му носел алишта за превртување, крпење...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)