ситен прид.

ситен (прид.)

Тивко ветре завеваше, свирејќи низ голите гранки... откинувајќи ситни праменчиња мов од стеблата на буките...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Вакви ведри очи има таа и ситно бело лице.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Нашиот свет го скрши на милион ситни парчиња кои се распрскаа низ суровата тишина и засекогаш исчезна во длабочините на времето.
„Жонглирање со животот во слободен пад“ од Сара Трајковска (2012)
Кавгаџиите гледаа со закрвавени очи во агентот а тој го збираше челото во густи ситни брчки и држејќи ја раката во задниот џеб на панталоните стегнати во тврди тесни чизми ја клатеше ќелавата глава, тогаш покриена со сламен шешир.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Тој оди зад аголот од куќата и по малку се враќа со полни раце смрзнати дрвца и ситни камчиња.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Слободата овде е неостварен сон измеќари како во колибата на Том удри со камшик по ниските класи работата овде човекот го гнаси Та не сме саде ние, та не сме саде тука да фаќаме стресови и чиреви од мука стани утре порано за ситен минималец вени да ти попуштат за клет работодавец
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
На христијаните во Турција, под закана од казна со смрт, забрането им е да носат оружје, но, зашто се постојано изложени на грабежи и убиства од страна на муслманите, сите тие носат оружје.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Под неа јато ситни рипчиња се накрева и ја штипка по вратот.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Од црниот под извираа дрвеници и му забуцнуваа ситни иглички в месо.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Ситниот лимар затропа со дрвените налани и ме осветли со џебна запалка; ми ја раскопча кошулата и се загледа во пликовите на моите гради.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
По оваа семејна трагедија Ејжа решава целосно да му се посвети на одгледувањето на децата и најавува затворање на сите свои веб-сајтови наменети за возрасни.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Палејќи цигара по цигара откако минаа повеќе од пет часа чекање, беше сигурен дека автобусот ќе пристигне дури по полноќ во ситните часови.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Пораст на сочувство кое ќе прерасне во надминување на ситните замерки.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Ѕидовите на тој стаклен суд беа ишарани со неподвижни ситни меури.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Темнина ги прекри за час звездите како со завеса, а малку после пак закапа нивната светлина како ситен пролетен дождец.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Сонцето сјаеше на ситните зелени ќерамиди на павилјончето во градината.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Ја бакнував диво по вратот, ја гризев; таа молеше да престанам, да не ја повредувам; ѝ ја зграпчив кошулата и ја повлеков; сите копчиња се разлетаа во темнината и потем, во наредните два-три мига го слушав продолжениот звук на нивното удирање на кејот, како ситен дожд од ориз; на слабата ноќна светлина блеснаа нејзините млади гради, како кај кучка; почнав да ја гризам по целото тело, и одеднаш се најдов со устата врз нејзиниот папок; таа ме удираше со тупаници по главата, велеше дека сѐ е готово после ова, дека сум уништил сѐ, дека сум свиња, дека ќе ме пријави, задолжително ќе ме пријави, дека ќе ме убие, дека Партијата ќе ме убие кога ќе им соопшти, но мене веќе за ништо не ми беше грижа, и јас само го бакнував нејзиниот папок, таа рајска чаша со небесен нектар, тој центар на вселената и почнав да тонам длабоко, да пропаѓам во непознати длабочини;
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Неговата искривена ситна фигура се смалуваше така уште повеќе.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Откритието ми наликуваше на оние ситни зраци што наеднаш се јавуваат покрај нас во собата користејќи некоја мала цепутка на завесата или на ролетните и тоа со единствена цел да нѐ упатат кон загубената ситница по која со часови трагаме; а замислете си само со колку слободно време располагав секое утро, во миговите на најголемата бистрина на умот, додека чекав во бурекџилницата (топлите симиди мораше да се чекаат ако навистина ги посакувавте топли) а Катерина, реков веќе, потскокнуваше од задоволство кога ќе утврдеше дека се онакви какви што ги посакуваше.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Кловнот долго се гледа. Едното око се полни со влага и го разбива огледалото во ситни кристали.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе