одбере св.

одбере (св.)

Бившиот затвореник си ја одбра не само истата барака туку и истата спална.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
На мал простор од овој роман, благодарение на вешто водените наративни стратегии кои ги користат искуствата на традиционалниот и постмодерниот роман, се покренуваат некои од клучните теми одбрани од корпусот на интересирање на балканскиот човек кому типолошките карактеристики на ликовите и на ситуационите модели по мерката на препознавање му се најблиски, но би било погрешно да се разбере Бунар само како водич за балкански менталитет и да се чита како што се читаат Андиќевите дела за да се разберат причините за балканските судири.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Не можеше ли смртта да одбере друг металик при своите вежбовни активности, кога во маневарската муниција меѓу ќорците ќе ѝ се протне некоја чаура со отпаден крш од колатерален ураниум?
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Одбрав тема во духот на мојот балкански патријархален инстинкт, од нашата неприкосновена тврдина низ вековите семејството, во чиј методолошки пристап не можев да се ослободам од принципите на дијалектичкиот материјализам, во рамките на славната советска наука по Октомвриската револуција.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
И затоа пола држава лежи на психијатриски кауч кај другата половина, којашто навреме одбрала профитабилна професија.
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Меѓутоа, излезе дека одбрав погрешен човек за таа работа, а во иднина почесто ќе ми се случува таков вид рапсодија во која тие што те сакаат не ги сакаш и обратно.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Тие мудри суштества кои молкум лазат покрај нашите нозе, така незабележливо, се трудат да опстојат во сенката на стопанот што го одбрале...
„Ветришта“ од Радојка Трајанова (2008)
Без двоумење го одбрав Политичкиот смер и токму тогаш ги сфатив прстите на судбината.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Па затоа и не измачувајте се толку за да пронајдете, да одберете и да купите некој подарок за мајка ви.
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Му одговорив потврдно. Знаев дека го одбра вистинскиот начин да ми го привлече вниманието и сето тоа ми го чукна умот, во еден многу краток момент.
„Знаеш ли да љубиш“ од Ивана Иванова Канго (2013)
Во Чикаго имаше една анкета што се направи меѓу луѓето што сакаа да се женат: им дадоа фотографии на разни жени за да си одберат која би сакале да ја земат за жена.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Во скицата за паркот, освен нови - кедри, туи и елки - ги вклопив старите околни дрвја, оние што можеа да се одберат и да се искористат, како и сегашната жива ограда од кленики скраја подолу.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Не знам веќе што да приречам, кој збор да го одберам.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Траеше една таква долга модра вечност, во која погледот добиваше некоја белина само кога ќе требаше да одбере дали тоа стебло пред него беше токму онаа познатата, крајпатна бука, дали она, што се чинеше како деланка во нејзината коруба, не беше само некој поцрнет лишај.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Ни велеа дека дури и ќе нѐ ослободат од Турците, а ние за возврат требаше да одбереме дали богослужба ќе слушаме на бугарски или на грчки јазик.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Според оваа концепција, подготовката го покрива времето во кое проблемот се скицира и времето во кое се вложуваат индивидуални напори да се откријат и одберат најразвиените вештини и знаења, неопходни за негово решавање.
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Се одвезовме на Бондаи Беј одбравме место на ресторанската тераса и нарачавме некакви ќебапчиња од морски животинки и, се разбира, по едно студено пиво.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
Дружината на бродот одбрала друг капетан и животот меѓу нив почнал убаво како и порано...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Одбра неколку убави јаболка за себе, одбра потоа некои ситни и некои што беа почнале да скапуваат, стегна под мишката и малку сено, па грижливо затворајќи ја вратата, се врати во колибата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Се разбира, за кум го одбрале пред да му тргне колата прудолу, а јас, јас по нивна желба сум му кум на едно мало дете кое сега, откако ме сметаат за црна овца, со страв го држат што подалеку од мене.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Повеќе