мавта несв.
мавтање ср.

мавта (несв.)

А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Мавташе постојано со рака кон нас и шепотеше: - Простете ми, другари, што не можам со вас ...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Затоа сега минуваме како крај зафрлена станица оти место рацете ни мавта една голема црнина тага од студен мразулец што виснал од балконот и балансира укочена пред црната вистина на сонот.
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Полицаецот сташно мрдна со мустаќите и го повлече за ракав старецот; на овој му паднаа напукнатите очила рамно под тешката стапалка на писарот кој потскокнуваше и мавташе со раце.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Страшниот змеј мавташе со крилата низ собата и удираше по прозорците.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Мавта со опашот и ги лиже сувите раце стиснати на решетките.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Додека под нашите раце бесшумно исчезнува ноќта кон наслутениот смев интимни сосема одиме Оваа постела потна е море со високи бранови што во пените на чекањето ги фрлаат нашите тела и на тој пат што мами сосема измешана плови зелена гранка од соништата и раката од пелин Па сѐ по малку сетни рацете твои како пристан тогаш сум и брод и галеб што во него ќе слета и ја наоѓам во него онаа неизбежна вистина што мавта и подмладува со рацете на ветерот
„Дождови“ од Матеја Матевски (1956)
Понекогаш ќе се сожалеше и оние добичиња што од силен јадеж и страв ќе избегаа во планината, одеше да ги бара; кога ќе ги најдеше спикани во некоја грмушка или трап каде што сѐ уште мавтаат со опашката и клоцаат со нозете од силен јадеж, им се доближуваше полека, им ги вадеше коњските муви и стршлените и тие ослободени од тој напаст, го лижеа по рацете и им идеше да го бацат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Стои така до трнот и ми мавта со рацете.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сѐ се одвиваше неконтролирано и со секој миг местоположбата на мажот и жената во колата се менуваше а и коларот мавташе со рацете бидејќи изгледа ја испушти уздата.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Од врата излегуваше како фурија, а старицата мавташе по него со ќесето со сендвичот полн со марула.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Радосно мавтавме и извикувавме ете го рејзот пристигнува.
„Животот од една слива“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2014)
И смеејќи им се весело како прв пат кога ги сретна со колата, тој завесла во спротивен правец, мавтајќи им со рака од далеку.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Дедото дремеше, а бебето мавташе со рачињата за да му ги ишка мувите пред носот.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Летаа право и рамномерно мавтаа со крилата.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Италијанецот мавташе со раката како да диригира.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Но не ги држи место и оние, сакатите, па почнуваат и тие да тупкаат мавтајќи со празните ракави и ногавици.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Имаше сплескан профил на римски цар од стара бакрена пара и тврди раце, и мавташе како мелница погодувајќи со секој удар.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
А еве веќе една недела не сум го исправила бутинот за да изматам маштеница. Ја стискам кравата за вимето, ја тргам, а кравата само тупа со нозете, раскопува шума и мавта со опашката.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
А оттаму, од излогот, ми мавташе со раката една воздушеста убавица, чиј што нежен превез многу придонесуваше да се причинува дека не личи на живо суштество.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Повеќе