заклучок м.

заклучок (м.)

Всушност токму оваа помисла ме наведе да поверувам дека со моите заклучоци нешто не е вред.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Систематско, осмислено подредување на мислата, синтеза на изгубени поими, заборавени моменти, важни одговори и конкретни заклучоци.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
Европејците досега си имаат направено неправилен заклучок за народноста на Македонците и ете зошто последниве, коишто ги носат на свој грб сите тешкотии и несреќи од сегашното востание, ќе имаат најмалку полза од решението на конференцијата.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Или најмногу ја посакува улогата на џелат, кој откако ќе ги потцени обвинетите се определува за лекоумни и случајни заклучоци и аргументи?
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
На крајот на дебатата за кабалистите тој сакаше да го каже својот заклучок: За кабалистот, за да се следи патот на мудроста, единствениот начин е да се мине достоинствено патот на животот.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
А потоа и самиот се запрашав: „Дали навистина не е опасно ако некој си вообрази дека може да го одредува текот на нашите размисли и со помош на оваа своја способност да донесува заклучоци за нашите намери“?
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
- Ќе преспиеме, па ќе видиме! - рече доктор Коста, свесен дека секакво донесување заклучоци во ова време може да биде пребрзано.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
90. За да се увериме во тоа дали моиве заклучоци за резултатите од востанието се правилни или пак приговорите на моите противници се правилни, ќе треба да се разгледаат тие настани од најновата историја на Македонија во кои најсилно се пројави националното самосознание, а имено, ќе треба да се разгледа: преродбата на Македонците, настаните што послужија како причина да се разбуди народниот дух на Македонците, какви размери и каков правец зеде тоа разбудување?
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Беа дошле до заклучок дека на светот му е потребен нов или подновен светски поредок, што од една страна ќе ги заштити човековите права и човековата околина, а од друга страна ќе ги спречи господарите на парите, монетарната стварност да ја претворат во катастрофална виртуелност.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Ваквиот заклучок се наметнува без оглед на употребениот јазик за составување на описот, вклучувајќи ги тука и сите научнички јазици на математиката и компјутерските програми.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Ќе погреши оној што ќе направи таков заклучок.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Македонците фатија да се задлабочуваат во прашањето за нивната народност и интересите, и дојдоа до заклучок дека не се тие ни Срби ни Бугари; дека нема за нив ни бугарски, ни српски ни грчки интереси, а дека има само македонски.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Кога ќе ти го прочитам заклучокот на мојата дисертација, можеби сѐ ќе ти биде јасно! одговори мигум Камилски и продолжи: Замисли, мој пријателе, пред угледните професори, без оглед дали се од десничарско или левичарско убедување, а во комисијата на одбраната и од обете, можев слободно во заклучокот да го изнесам своето убедување: Педагогијата претставува грандиозна епоха во историјата на педагошката наука и нејзината примена ќе може да се остварува по Октомвриската револуција......
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Сакам да го потсетам дека е вљубен и дека само вљубените се надарени да шлапаат боси по водите на илузиите, да негуваат во размислите градини од лажни претпоставки и да донесуваат произволни заклучоци.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
И имајќи го предвид заклучоков, произлегуваше дека моето ѕиркање низ клучалката сепак било непромислено.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Некој како да ѝ наредуваше да се вљубува; како да ја советуваше да избрзува со своите заклучоци; како да ја насрчуваше да го каже и она кое што друг ќе најде за потребно и да го премолчи.
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Заклучокот од тоа е – дека самите пропаганди признаваат оти во Македонија има само една словенска народност; значи, утврдувањето дека Македонија не претставувала етнографска целина противречи на нивните постапки.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Преку овие последниве дојдовме до епохален заклучок.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Со една мала забелешка: бев свесен дека не смеам да се залажувам со површниот заклучок дека станувало збор за знак или најава преку која некоја непозната сила се обидува да ми ја подотвори вратата на шпекулациите овозможувајќи му на она што еднаш веќе протекло повторно да се врати и да ми се придружи...
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Кон историското ниво на приказната кое низ преданието, архивата и пронајдениот животопис пружа увид во колебливото минато, се придружува современиот контекст во кој историјата се повторува и се огледува во речиси истоветни форми, наметнувајќи го заклучокот за неможноста од пронаоѓање сигурна точка на посматрање и на дофаќање на конечна вистина.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Повеќе