јаболко ср.
јаболков прид.

јаболко (ср.)

Тоа е гајба со забранети јаболки; ливада за пасење стадо мисли; речник што не го содржи зборот „диета“.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
На трудна жена, му рекле, се носат кисели јаболка.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ми ги подава јаболката, а јас одвај ги задржувам солзите да не ги пуштам да ми се видат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сѐ да е затнато од јаболка во движење.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Сега ќе мора да живее од компири, качамаци, јаболка, но тоа не го загрижуваше многу, важно е храна има не за една недела, не за две, туку за повеќе месеци.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Јаболкчињата сестра ми со мака ги гризеше. Но ги бараше.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Како што беше вистина и онаа пролетна утрина, додека на горниот крај на селото се собираше тајфата печалбари пред заминување, а тука беа и тапаните, веднаш тука, на ледината крај патот и младичите го играа Тешкото околу нив, а тој беше со татка си скраја и мајка му молчеше крај нив со црвени очи; тој беше накитен со низалки костени, јаболка и по неколку ореи, првопратено, додека мајка му му шепнуваше „Змејко сине“, а тој можеше да види како му се стегаат на татка му вилиците и како сите мускули набабруваат и се скаменуваат под поцрнетата кожа на неговото лице, исто онака, како кога беше многу лут татко му, но Змејко сега можеше добро да знае дека тоа не е од никаква лутина.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Устата пак ми е преполна со младо сирење набабрени јаболка и зрели црешни и пак ми се чини дека на стариот стрвник сепак му недостасува последниот залак.
„Кревалка“ од Ристо Лазаров (2011)
- Се разбира, се разбира, - одговараше насмевот меѓу румените јаболчиња – Го гледам светот, а и тој нека ме види, да знае дека јас сум единствената на која и припаѓаш.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Остро издаденото адамово јаболко во неговиот тенок врат направи изненадувачки брзо движење горе-долу и пивото исчезна.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Но не ја оставив да тагува и да блада по јаболка. Ѝ носев в пазува.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
А се разбира можел да го спомене и библиското јаболко на гревот.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Како и секогаш нафрла храна во јаслите, го срина малку ѓубрето кај говедата, им посла сува слама, па чекајќи така добитокот да му се порадува на убавото зимско сонце, да се надише свежина гризеше јаболко и пребаруваше низ мутвите на кошарата, низ сеното и сламата во плевната, низ сомнителните места во ѕидовите.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Наеднаш нешто ме возбуди и ме расцепи во градиве: на вратата се покажа жена му на клисарот со босилок и јаболка в рака.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
По градините веќе се береа жолтите круши кантарки и црвените јаболка.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Пак излегоа во ходникот каде што оној војник делкаше друго јаболко.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Русокос е и ноќе влегува во бавчите Да краде јаболка.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Гризеше од сочниот плод, џвакаше со предизвикувачка сласт и пак гризеше низ смеа, со широко развлечени усни од кои карминот се лепеше на преостанатиот дел од јаболкото во нејзината рака.
„Полицајка в кревет“ од Веле Смилевски (2012)
Одам по долината завлечен по облакот од дамнешниот чад над сниските покриви зад меѓите, зад грмојте, зад високите крошни на дабовите зад крушите што се сушат зад сливите што капат зад јаболката во кои пее есента та мириса сета долина на топли пазуви и тихи мусандри во оние стари градски куќи што се вишат во куќите изгубени во правта на калдрмата во куќите чии чардаци чии пармаци уште се свртени кон долинава во која бавно се враќам како во стара книга што постојано се превртува во дланките на осамата.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Се сеќавам само дека сакав да гризнам јаболко.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
Повеќе