ракавица ж.

ракавица (ж.)

Не стоеше сигурно на нозе, не можеше брзо да ги завлече рацете во студените гумени ракавици; на врвовите на неговите прсти умираше еден долго негуван акорд, една музика што се губеше како шум на секнат водопад.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
По два часа од собата излегоа двајца дебели лекари со гумени ракавици.
„Чкртки“ од Румена Бужаровска (2007)
Во отоманските простории на Судска медицина ги пречекаа некои лица под гази и со гумени ракавици, кои би можеле да му бидат некогашни колеги од студии или вонземјани ангажирани за хонорар, што ги одведоа до една поголема просторија како семинарска читална по чии ѕидови место рафтови со книги се редеа кофчежиња за картотеки.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Карер го помисли тоа, ги виде некои од тие пријатели на црно-белиот под среде убаво осветлената ложа, а потем се виде и себе си, исправен на нејзиниот симболичен исток, со свечената, богато декорирана престилка на мајстор слободен ѕидар, со околувратник што му ја симболизираше должноста во ложата и со бели ракавици на рацете, сѐ симболи на моралната чистота и посветеност на мајсторот масон.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
На крајот сите манекенки заедно излегоа пушејќи со долги муштикли во рацете кои беа во долги ракавици, додека Исидора се поклонуваше.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Како можев така да мислам кога претседателот ене си седи во својата претседателска фотеља и си ги брка своите претседателски работи, а неговиот телохранител, Сатирот, стои пристојно облечен, со црни ракавици и со пендрек во десната рака што го удира врз дланката од левата рака.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Вториот дел од ревијата беше дефиле на крзнени палта или палта со крзнени елементи: на пример, раскошно крзно само ракавите или само ивиците на марамите, потоа муф - прекрасни крзнени „торбички“ за двете раце наместо ракавици, како и широки шубари на главите.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Без леќи ракавиците и облеката се елегантен начин на давање импулси на компјутерот.
„МАРГИНА бр. 17-18“ (1995)
Се плашеа и не смееја да го сторат тоа, да ме мачат окован: шлаканици со панцирни ракавици, рефлектори в очи, шпенадли под нокти.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Пречки од играчки - стапови за хокеј, боксерски ракавици, еден дупнат фудбал, еден чифт испотени тренерки превртени наопаку - лежеа насекаде по подот, а на масата имаше куп нечисти чинии и тетратки со извиткани ќошиња.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Томаица се облече целата во бело, со еден бежов жакет одозгора, на кој имаше закачено брош со охридски бисер, бежови ракавици, мала чантичка и чевлички на малку повисока потпетица.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Ова откритие беше доволно. Ми стана јасно дека писмото било превртено наопаку, како ракавица, па повторно адресирано и запечатено.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Прашањето фрлено како ракавица среде супермаркетот остана да лежи на плочките, газено, туркано и најпосле фрлено во отпад од дежурната чистачка, која додуша покажа мали знаци на чудење за тоа што бара едно прашање на подот.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
Технологијата на виртуелната реалност овозможува убедливо чувство на целосно движење, со податочната ракавица е стимулиран и допирот, се работи за право пробување и населување на виртуелноста (уметнички кодирана); посебно делотворни се движењата (излети) за сликите, симболите и зборовите.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Посочувајќи на кацигата и ракавиците, ние инсистираме: „Зарем ова чувство не е многу поинакво од гледањето телевизија?
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Две жени, една постара и една помлада, убаво облечени, беа целите престрашени, вознемирени, со од земја раскашавени ракавици, фустани и паднати смачкани шапки, од кои помладата викаше од силни болки, а постарата забрзано зборуваше со повишен тон бришејќи ја земјата од ракавите, жалејќи се за невниманието на шоферот на тие нови превозни средства, кои се можеби брзи, ама и многу опасни и затоа сосема непотребни.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Кога таа ноќ ги испратија во извидница, додека еден зад друг чекореа низ шумата, му се чинеше дека студи толку многу што прстите и преку ракавиците му се залепиле за студената цевка на пушката.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Слугите биле префрлени во „дел заслуги“ во сутеренот, веднаш до кујната и визбата, што е уште еден важен прекин со дотогашната традиција во Англија ( а која ние сега ја прифаќаме како да постоела отсекогаш – во типично англиските крими-приказни, слугите се „долу“ и тука озборуваат, а горе, во холот, батлерот во бели ракавици ги најавува гостите аристократи).
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
А утре... „Има“, рече Отец Симеон. „Закачи ги ракавиците на врбов клин и жежи го секој ден грлото со алкохол.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Тесно се припиваше како ракавица на долга, кревка шепа, и мирисаше на студеникав, свеж воздух, метал и вселена. Мирисаше и на оган и на време.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Повеќе