пресрет (м.)

Маса народ тргната од некаде за некаде, се движи како несопирлив бран украсен со разнобојни транспаренти што поединци ги носат кренати високо над главите, со знамиња што се веат над нивните глави, со извици што се креваат до небото и со барање на кое мора да се излезе во пресрет.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
В сенчести гранчиња тука кукајца се вести штом пролет ќе наближи само, таговно в пресрет и кука.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Му појде во пресрет отворајќи му ја капијата.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
2. Екстаза  Така човекот оди во пресрет на другиот човек небаре оди во пазувите на својата смрт.
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Во тој миг неколцина помлади луѓе скокнаа во морето и запливаа во пресрет на коњот.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Сите брзаа да му излезат во пресрет, да го поздрават и да го пречекаат во домовите најмилиот пролетен гостин: сонцето.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Во пресрет му идеше колона партизани.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
XXIX Историските личности се создаваат во долг временски процес, во пресрет и вкрстување на бројни околности и противречности, така што нивната блескотна појава во клучни моменти во историјата останува целосна енигма.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
И наеднаш пред уште дождот да капне во пресрет му идат и лисјето и земјата и птицата изгубена во жбунот и здивот мој заборавен во тремот.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Посебно, Татко беше импресиониран од моќта на јагулата да се прилагодува, да се преобратува, во пресрет на семоќните уништувачки сили на патот.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
Уште еден чекор, уште еден, но тие напори го влечеле сега во линија на зиг-заг по бришан простор и бил точно онде кај што се исправил во атакот да ѝ појде в пресрет на смртта.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Неволно, ги протегна екстремитетите надвор од креветот, ги зеде очилата со диоптер - 3.5, без кои никогаш во разговор не би можел да ја употреби придавката „очигледно”, ги стави на себе панталоните кои ги носеше веќе четврти ден од неделата и не помисли дека треба да се облече поинаку заради некоја ненадејна средба која би можела да му излезе во пресрет на денот.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Со цветно венче на главата, со распуштена руса коса дури до појас, со огрубено лице, со полна кошница бисилкови кивчиња и шарени предена одеше низ Потковицата и на сите крстопати и покрај сите води, и кладенци, каде што поминуваа, каде што пиеја и каде што пладнуваа Турци, правеше маѓии, па така никој, ниту Турчин ниту христијанин злонамерник не смееше да ѝ излезе во пресрет, не пак да ја земе на подбишега и да ја злоставува.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Езерото веќе ги ниша соништата на светот. Вечерницата пак нив ги води по знајни и незнајни места во пресрет на муграта моја што постојано ја создаваме човекот ноќта и јас.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Кога дојдоа Србите, извади едно пусулче превиткано како аптекарско ќесуле за прашок против болка и стуткано во чкрипливото стапало на дрвената нога, според кое произлегуваше дека односниот се борел во редовите на српската војска, дека бил ранет и дека се инвалидизирал, па се молат српските власти да му излезат пресрет, покрај тоа што ќе му доделат инвалиднина.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Со што ќе работат овие луѓе ако си го продадат добитокот, од што ќе живеат и дали утре ќе можат да излезат во пресрет на власта. Тамам, рече султанот, аферим!
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Во еден момент, од другата страна на Широк Сокак се појави и им доаѓаше во пресрет позната висока машка фигура со руса коса, долги руси подвиткани мустаќи, црвен кадифен фес на главата, убава едноставна облека и стилизиран бастун.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
А властите во сѐ им излегуваат во пресрет; настојувајќи преку нив да го вратат животот во Потковицата, покрај што им ја вратија нивната поранешна земја, која ја имаше присвоено Земјоделскиот комбинат од Прилеп, им придадоа и друга.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
И уште нешто... Не, за тоа нешто ќе ви речам откако ќе ја извршиме задачата со приредбата, на седми септември навечер, во пресрет на Денот на независноста!“
„Тополите на крајот од дедовата ливада“ од Бистрица Миркуловска (2001)
А и самиот еднаш е измамен, оставен, требаше порано да станам, да ја врзам сината кравата, да им појдам в пресрет на дрворедите. Едноставно, без патетичност.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Повеќе