отаде (прил.)

Отаде се Србите и Французите, а одоваде Германците и Бугарите. Пиле не може да прелета.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Некаде околу полноќ преку мовчето крај тополите помина друга сенка и отаде низ бавчите накај колибата.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Отаде Голем Град малку се заоблачило и фатило да врне колку да се стори божилак.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Кога крилјата се подготвени за летање бргу се долетува до гнездото на сопствената болка од сопствената шака си ја лижеш изгубената радост и ја ишкаш смртта од струните на виолината ноќни сенки излетуваат од акордите на вердиевиот реквием и им ги бришат челата на публиката лачени ноти скокаат низ историјата и се потат во чевлите на диригентот звуците на животот како лилјаци се удираат од ѕидовите на вечноста од суво усте лушпе ореово се разлева кон реката вердиевата чаша вино отаде реката последна причесна и школки на суво - на клапнатите музичари им намигнуваат.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Па сега - одбирај, чиј куршум понеболи. Од оние отаде, или од овие овдека.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мајка му беше перачка и татко му една година му се порадува на своето единче и се изгуби отаде океан барајќи среќа и леб.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Се засолнал зад едни шипје и отаде ги видел луѓето.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Мајка ѝ преплашена, ги остави жените и децата во одајата и бргу отиде отаде кај своите невестински ковчези.
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Му се товари анџијата на дуовникот и го моли да го земе Силјана на аџилак, да отаде назад како знае нека си прави.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
И купче жарје и отаде и одаде.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Отаде беа се упатиле право за кај нас да идат; летале, летале токмо 24 саати, дошле до една ада, та слегле на адата и се најале отаде жаби и друзи животинки.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Нешто некаде ја носи, ја носи, ја носи низ некое темничиште, како низ некој тунел, а некаде таму, отаде, на другиот крај од тунелот зрачи некоја светлина што се лачи во меко сина а силно виолетова, и тоа ѝ влева надеж, па сака што поскоро да се најде на другиот крај од тунелот, во светлината каде што Пандо нејзин сигурно ја чека.
„Човекот во сина облека“ од Мето Јовановски (2011)
Циљка сврте глава на спротивната страна и сега виде како отаде трапот - небото почна полека да се разведрува.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Или не знаат да нишанат, или нишаните не им чинат, велат. И на оние отаде и на овие одаде.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Добра се пофали дека мажот ѝ заградил убаво местенце горе на плочата, бил и во градот, ама само до некаде, односно до каде што одела право улицата отаде насипот и кога почнала да се крши лево и десно и да се меша со други, си ја свртил муцката и право надолу, гледајќи да не му се скрие оџакот на фабриката.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Од болот што стисокот му го нанесе Србин почна да се созема, сфаќајќи дека тоа не е грмотевица како што прво помисли, туку дека топови рикаат отаде на фронтот.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Имаше некакво претчувство како онаа долинка отаде да беше полна, нешто слично како кога се држи в рака полн орев, а знаеше дека тоа претчувство не му е потребно.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Една ноќ додека туриваше како да беа распукани небесните мориња, Трајан се искраде до шумичката, се завлечка во неа и се најде отаде границата - на грчка територија.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Бевме во добата на невиноста, кога со допирот и слухот, со вкусот, со мирисот и со погледот, може да се насети она што е отаде појавното; кога ни се чини дека дури и низ предметите тече крв.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Ама и жена ми ја нема. Гледам само онаму отаде некоја жена, една умрена пријателка на свеска ми, си ги соголува нозете и се прави дека не ме гледа.
„Балканска книга на умрените“ од Мето Јовановски (1992)
Повеќе