одново прил.

одново (прил.)

Ја кренав чашата и одново двајцата малку се напивме.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Нам пијаниците ни е сеедно. Секоја вечер почнуваме одново. Со нова чаша.
„Зборот во тесен чевел“ од Вероника Костадинова (2012)
а надвор веќе почнуваат да паѓаат снегулки, ветрот само ги врти во воздухот, ги пушта и ги втасува, одново ги завраќа назад, си игра шукшуле, што се вели, ги развева како цут од дрвја што се кубат, кој ќе пушти глас, ќе го наполни морето, ни викаат и бродот застанува, а ние молчиме ко глувци во дупка, ги слушаме само чекорите озгора, одат над нас небаре на глава да ни газат, и бродот одново тргна, сега можете и да пеете, ни велат, кај се пеело пикнат в дупка, си велиме, отсекаде бучи клокоти, и гледаме надвор, снегот си навева и се топи, се губи во водата, ако запреме во Костанца, ќе нѐ водат во Букурешт, си велиме и приѕираме во ширината што ни ја затвора снегот, и Костанца ја изминуваме, нѐ водат право за СССР, не ни заспала среќата на сите, вели Апостол Макаровски, сите со нечија среќа се шверцуваме, вели, ќе му украдеме уште некој ден на господ, и почнува некој студ да ни влегува низ процепите од бродот што се отвора однадвор.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Татко ми тешко привикнуваше на овие револуционерни времиња кога генерации, генерации мораа да живеат откорнатички, одново да започнуваат.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Подготвувањето на едно востание се продолжува 5-10 години и после сите замешани во него или умираат или пак, ако останат живи, треба да останат без ништо и да си изберат некоја друга работа што ќе треба да ја зафатат одново и за која можеби и не се сосем подготвени.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Одново и одново се загледувам во нејзините очи, во лицето и челото ишарани со брчки и покорно, наведнувајќи глава ѝ бакнувам раце и ... занемувам од восхит...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Неизоставно така прави и секогаш одново го разгледува со љубов и внимание.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Можно е, пак само претполагајќи, и пак потпирајќи се само на општите историски податоци, зашто конкретни, веќе видовме, нема, дека Солунското кралство односно Латинското, во времето на Бонифациј Монфератски, во 1204 година, кога го завојувало и овој дел на Македонија, со поткуп, со принуда, или на превара претците на денешниве жители на Потковицата ги правело во католичка вера, но по неговото исчезнување од исторската сцена, нивните потомци, во текот на времето, одново се вратиле на православни верски традиции, а како драг спомен на своите претци, и на тие можеби добродетални времиња, ја запазиле и ја честуваат Латинска Црква?
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Таа натера одново да се прегледа прашањето за народноста на Македонците и да се реши ни во полза на Бугарите, ни во полза на Србите, а во полза на одделна македонска народност.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Напати ќе ми се појави некое светло, ќе се извре некаде далеку од земјата и одново ќе пропадне в земја.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Не знам кога ми се врати одново плунката в уста.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Одново почнува некое пламче надеж да ни папоти во градите.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Се обидов да станам и да се изгубам од куќата но болката во зглобот ме залепи за тревата. Одново паднав.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Сега требаше одново да го земам лостот и да се обидам да ја поткренам земјата но, вртејќи се кружно во собата, сфатив дека најпрвин треба да го поткренам својот дух.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Одново влезе во коритото и продолжи да го чисти дното.
„Ненасловена“ од Анте Поповски (1988)
Се мачи ли да ја разбуди, одново да ја оживи или ја убедува да не ја прогонува по смртта?
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Тој одново усети дека се лулее на езерски бранови и клепките му се склопија, тешки како налеани со олово.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Од срецелото натаму на југ патот одново го поприма својот поранешен изглед, повторно станува широк колку да можат да се разминат две воловски коли натоварени со снопје или со сено, или булук овци, кревајќи по себе пепелници.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
На брегот во далечината одново раѓање на нов ден...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Можеше да го слуша до наситка рикањето на тој спалавен јужен ветер низ длабините на нераскрчената шума; тоа се плискаше како некоја пробиена брана, носеше една прекрасна топла раздразнетост во градите, носеше некоја одврзаност и пребликуваше со секој нов налет, спитомувајќи со својот допир сѐ, а целата шума како да никнеше наново над таа недогледна белина, секоја бука во неа како да се исправаше одново, отфрлајќија од себе задреманата прибраност, онаа притаеност во тесниот канал на срцевината, трубејќи.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Повеќе