одзема (несв.)

— Го познавам детето, вели жената, ние, на секое ваше барање, го носевме во Букурешт, но секогаш доаѓаше претставник на грчката партија и детето ни го одземаше.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Знаеше дека луѓето го носат кон селото, одземајќи го од дивината и враќајќи го дома.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тој сакаше да го прегрне човечецот со долги и немирни прсти(овој пак се обидуваше да не дојде под обрачот на големите раце) и раскажуваше за природата и за гасениците најмногу за некој Чарли Краков, или за призрак на опачината на неговата потсвест, на нешто што е натсвест и живее вон од него, вон од неговата матна мисла, нешто на што зборовите и му го градат и му го одземаат обликот.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Ти, единствена што го дослушуваш мојов шепот, ти што пред малку не избави од скаменувањето, не одземај ми го од раце суштеството што ја зароби мојата прва љубов, распарај ги смрачниниве и лилјаците и дигни ги видиците пред нашиов далечен пат!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Пеел со склопени очи и поднаведнат како во зазор што им го одзема времето на богатите, на умните и на покорисните од песнопојците зашто можеле да разговараат за свои работи, за политиката на европските земји кон Турција, за ловот и за коњите.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Ти ли си ми сега таа слатка болка што здивот ми го одзема кога ќе се насмеам?
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Секојдневното подготвување на оброците ѝ одземаше многу време.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Неверувањето го лишува постоењето на човекот, му ја одзема вечноста што го чека...
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Првин го виде над себе она старче на кое ветерот му ја одзема шапката, потоа работниците што чекаа крај расипаниот автобус и она девојченце што имаше излитено џемперче.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Се разбира, со ова мое тврдење не им го одземам правото на оние кои ќе ни го свртат грбот за да го потрошат сето свое време во разговори со миленичињата: кучињата, мачките, пилињата!
„Жената на белогардеецот“ од Србо Ивановски (2001)
Беше свесна дека родителите секојдневно и сѐ повеќе ѝ го одземаат.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Ја ставате главата во тенџерето, ја држите околу 3 минути и за кратко време си го одземате животот.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)
Може светецот ги запираше куршумите, ги изгаснуваше, им ја одземаше силата за потаму.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Овој збор е туѓ, тој е име на некаков лукав и силен соперник што ѝ го одзема милиот човек.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ми се одзема. Нешто ме пресекува под колената.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Очите твои ме гледаат со чудна боја... а јас само са плашам од смртта на мојата душа зошто љубовта не може да те рани и да ја убие душата на почеток, туку тивко, полека. дел по дел. во секоја минута од твојата неприсутност, ја одзема и ја носи некаде далеку.... дел по дел. во секоја минута од твојата неприсутност, ја одзема и ја носи некаде далеку....
„Разминувања“ од Виолета Петровска Периќ (2013)
Тие извикуваа навреди кон чуварите, даваа жесток отпор кога им ги одземаа личните работи, пишуваа безобразни зборови по подот, јадеа прокриумчарена храна што ја вадеа од некои мистериозни скришни места во нивните алишта, па дури му се извикуваа на телекранот кога овој ќе се обидеше да воспостави ред.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
А навечер ќе чекам да излезе месечината и ќе се потпирам на пенџерето: ќе собирам, ќе одземам. Чкртај, приѕирај...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
„О, мајко на северните езера и шуми, единствената што можеби го слушаш мојов шепот, не одземај ми го од раце суштеството што ја зароби мојата прва љубов!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Кога светот стои во место кога лудаците остануваат на престол кога тешко се стига до вистината стиховите ја мрдаат жабокречината Кога доблеста знае да кризира и душата со чемер тетовира кога љубовта знае да девалвира вистината на хартија се гравира Проклетници одземаат живот ѕверовите се грабаат за имот лудаците го убиваат мирот стиховите сведочат на листот Лудаците сепак умираат ѕверовите во пекол заминуваат карактери и луѓе се менуваат а стиховите на лист остануваат
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Повеќе