огледа св.
огледало ср.

огледа (св.)

Се огледа наоколу да не би да го види некој и незабележано го помести каменот така да штицата сега се држеше само со еден крај.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Таа ноќ месечината имаше боја на топол и светлив килибар и без престан се огледуваше во нашите очи вковани во бескрајот на ѕвезденото небо.
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Успехот ѝ се огледа во наведувањето на театарската критика своите забелешки да ги пишува без зборови.
„Календар за годините што поминале“ од Трајче Кацаров (2012)
Но срната нема да се огледа во реката црвена на молњата.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
Тетка Фора го забележа потсмевот и се замеша, им рече на внучињата: - Во маните на тетина ви да не се огледувате.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Се огледа на малечкото огледалце и за големо чудо — не можеше да се познае дека е таа.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Се огледа на прозорецот од еден паркиран автомобил.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Имаше толку многу ѕвезди на небото, и уште исто толку се огледуваа во огромната вода, што ми се чинеше дека сме во вселената и дека патуваме со вселенски брод.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Кон историското ниво на приказната кое низ преданието, архивата и пронајдениот животопис пружа увид во колебливото минато, се придружува современиот контекст во кој историјата се повторува и се огледува во речиси истоветни форми, наметнувајќи го заклучокот за неможноста од пронаоѓање сигурна точка на посматрање и на дофаќање на конечна вистина.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Нејзиното искуство ѝ кажуваше дека родителската врска исконски останува нераскинлива. ѝ беше сосема јасно дека еден ден нејзината внука, без разлика на далечината и времето, ќе посака повторно да го почувствува тој мирис и да се огледа во неговите очи.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
Дрвената рамка му беше стара, распадната, тоа на повеќе места олупено и прошарано со темни бемки како бемките на снагата од Богуле, но сепак и понатаму можеше човек да се огледа во него и тоа цел од нозете до главата.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Густо збиените на ридот куќи како да се креваа на прсти и се надвишуваа една над друга: секоја сакаше да се огледа во утринското огледало на езерото.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Напладне се престоруваше во маѓепсано огледало во кое се огледуваа сите околни предели.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Бил чуден, го ставал огледалото на масата и додека џвакал се огледувал.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Зошто не и тишина Зошто не и праг Што води во домот Слично на скали Што треба да нѐ одведат до прозорецот на душата Минуваме низ запален снег Во сончево јануарско утро Белината е кладенец Црешовите цветови Доаѓаат да се огледаат во него (Аџилак на нежноста.
„Посегање по чудесното“ од Србо Ивановски (2008)
На тој смрзнат Бадник, таинствено завиткан во жолта гуња и ретки крпи магла, сликата минуваше пред човекот мртво се огледуваше во неговите очи: тој беше слеп за сѐ околу себе и газеше како смрт, не можеше да се сети како стана сето тоа?
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Можеш да се огледаш на кондурите, да се видиш каков си.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На носот му висела проѕирна капка, во бистрината на таа капка можел да се огледа светот, сето село, планината зад тоа село, дел небо над таа планина.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Отрча до првиот излог и се огледа на стаклото. Во одразот имаше само еден лик. Тој.
„Азбука и залутани записи“ од Иван Шопов (2010)
Ноќта се стемни со месечина, а езерото заблескоти како огледало во кое уште што не можеш да се огледаш.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Повеќе