крава (ж.)

Во тоа време дошла кај жената му и мајка му да ѝ помага за кравите молзење.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Кравата и магарето се вртат кон нас и не гледаат ко роднини.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Нагонската гадливост од психотични контакти поскоро ме доближуваше до едноставноста на животните отколку до луѓето, па заклучив дека можам слободно да бидам крава, папагал или некое морско домашно милениче во смрдлив аквариум.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Ги одврзувам кравата и магарето и си ги земам децата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Кравата само се обѕрнува по телето и иди по мене.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Како мајка ми излегувала во тесно здолниште како пикната во еден панталон и во фустани врзана како оса на половина, како вујко ми Вангел ја залижувал косата, а баба ми му велела дека е како да го лижела крава...
„Ласа“ од Наташа Димитриевска Кривошеев (2011)
Јас им намачкав и на кравата и на телето...
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
По малце време беа растанале сите од куќа и секој по нешто работа работел: мајка му фатила кравите да ги молзи, невестата му овците ошла да ги молзи, син му свињите и телците, прлињата ги испуштило за в говеда да одат, сестра му куќата фатила да ја мете и гнојот да го фрла.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Тогаш некој смок беше ја цицал кравата моја и ја најдов сета со крв на боските. 206
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Викнува говедарот и отрчувам да ја потерам кравата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
А еве веќе една недела не сум го исправила бутинот за да изматам маштеница. Ја стискам кравата за вимето, ја тргам, а кравата само тупа со нозете, раскопува шума и мавта со опашката.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
На козите им ставаме сил во крмата. Тогаш и кравата ми се отели.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Две крави и стап во нем разговор со тревите околу нив се движи сивото око на денот умореното око на сонцето.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Ги терам да ги изведат кравата и магарето, да ги попасат по меѓите. И за нив ми е жал.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Стиснат помеѓу две тешки тела во затворениот автомобил, удираше со голото теме во нискиот метален покрив и прегласно пцуеше - платеници и стаорци, ќе ми паднете проклети в раце и ќе ги проколнувате имињата на сите крави што ве доеле, а тие, свечени и исправени, седеа крај него бес глас во челустите како да се на нечиј погреб.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Кога ќе поминеше воз стануваше, ги одвраќаше кравите од пругата, а потоа им мавташе на оние од возот.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Атпазар како атпазар. Тука имаше и убави арапски коњи и мршави магариња; и убави расни бикови и волови, и мршави планински крави и телиња.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Јовановци беа познати и по тоа што се занимаваа со сточарство и производство на млечни производи: во истото слепо уличе, ама од спротива се наоѓаше аурот во кој живееше добитокот на Јовановци: кравите кои понекогаш најмалиот брат на Томето – Лазе ги носеше на пасење, а најчесто момокот Васе.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Знам и за кучињата и за кравите, знам зошто вујна понекогаш ме мазни по глава, ми дава лепче со сиренце само за да излезам надвор од куќи; знам и колку го налутува тоа мое влечкање по скали добриот вујко, него место не го земаше чекајќи да излезам од куќи.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Телето само тупка со копитата, врти со опавчето, ко ѓаволско врапче мрда со опавчето и ја шиба кравата во вимето. А вимето празно, не се полни без пасење.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Повеќе