воздушест (прид.)
А оттаму, од излогот, ми мавташе со раката една воздушеста убавица, чиј што нежен превез многу придонесуваше да се причинува дека не личи на живо суштество.
„Желките од рајската градина“
од Србо Ивановски
(2010)
Трошноста на старите мерачи на времето трепери од повикот на неопходниот збор – не само во безбројност на заминатите исчекувања, туку и во коприната на воздушестиот превез кој ни го замаглува погледот додека го набљудуваме времето.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Додека стоеше крај дирата, загледан во прекрасниот ден за лов, во чијашто мека виделина дрвјата беа огромни, воздушести и бели, и во кој владееше една прекрасна тишина под млечнобелото зрачење на небото, Змејко, и не мислејќи на тоа, си ги исцрни со неколку јагленчиња од кибритот своите подочници, а после, кога очите можеа слободно да гледаат по таа светната белина наоколу, тој мирно ја допушти својата цигара, - една од ретките цигари, што ги палеше само при некој свој празник, - а потем го настега магацинот од својата долга француска пушка со фишеци, ги престегна опинците и замина.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А ете, убавината на таа ноќ, слична на топол леб изваден од под вршник, ме потсетуваше токму на тие воздушести празнини во него. Или сум била гладна?
„Синот“
од Србо Ивановски
(2006)
Пред Змејковиот прозорец продолжува игралито да потреперуваат и да се колебаат дали да паднат на земјата, или пак да се вивнат нагоре, божем одбирајќи го местото за своето слетување, тие немирни водушести снежинки, што надоаѓаа озгора во роеви-роеви и носеа сонливост и чмаење.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Сѐ се случува така како што упатуваат древните книги Патеката е со покривка од најлесен пердув Од истата воздушеста материја од која била скроена Некогаш првата облека на Ева Избегав овде за да го заборавам оној друг свет Со брдо кренато за да се измачува Сизиф Со столб издигнат за да го оковат Прометеј Со оној обезглавен труп од Пеколот на Данте Што ја држи за коса сопствената глава И ја носи покрај себе место фенер.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Воздушести платна, наместа шареникави, боејќи ги зраците, го затскриваа скржавиот и удобен мебел.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Заедно со искрите на сино заблескотените снежинки, што го боцкаа неговиот поглед во таа пеколна зачекореност, низ лилавата изгаснатост на неговиот поглед, исто онака воздушесто и нереално, ќе се зашаркаше сега и по некоја едвај видлива издолжена црна сенка, која ќе се појавеше некаде на самиот крај од опфатот на неговиот поглед, ќе прошмугаше таму еден миг, а после ќе се повлечеше, недофатливо ни за некаков појасен поглед, ни за слухот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Дури тогаш се осети, заздишен. И тоа можеше да биде причина за да ги загуби, онакви воздушести и мирни.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Пред некој ден, добив чудно писмо. Велам чудно, зашто беше прозрачно, некако влажно, воздушесто, маглесто.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Лежеше над постелата спокојна, речиси бестелесна, чита, воздушеста, лесна, свената, во воздухот поткрената.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Дури есента, кога тргнуваа да си одат назад, кон дома, со сите кираџии, што ги товарија нивните алати и сѐ друго нивно од бараките, а зад себе оставаа една нова петокатница во градот, неа можеа сега да ја гледаат и да бидат задоволни од тоа каква беше бела и воздушеста, дури есента, кога го оставаа тој град, разубавен со уште едно нивно здание за векување, тој бел град некаде по белиот свет, по нив се забра и еден испокинат младич, кој по многу нешто личеше на сите деца, што се среќаваат по станиците, бос и сам, држејќи го постојано растојанието меѓу тајфата и себе толку големо за да не може да го достаса никој, кога би се пуштил назад да го фаќа.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)