блика несв.

блика (несв.)

А свршеницата не се огласува на неговото довикување зашто тој е во темнината, а таа е таму откаде што блика светлината, нема да дојде, а тој нема очи да ја види... останува само во неговата душа...
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Фонтана. Да блика водичка, да шурка, убаво да биде, свежинка да шири, жедните да застануваат, да пијат, да се разладуваат...
„Добри мои, добар ден“ од Глигор Поповски (1983)
Сред поле долапот се врти сал се врти се цеди од него водата се истура и шурка и сонот блика по земјата што 'рти додека човекот спотнат кон небото го турка.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
И бликаше на земјата во струи крвта врела од уште топлиот му труп.
„Сердарот“ од Григор Прличев (1860)
Поседуваше волшебна насмевка од која бликаше невидена благост и темни бадемести очи од кои најчесто зрачеше силен интензитет и добрина.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Кроткост и добрина бликаше во очите и гласовите.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Две жени - две мајки... Од нивните очи зрачи и блика длабока размисла за судбината на рожбите и страв и исчекување и огромната и насушната желба чедата да се живи и здрави.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Погледна и на Велика. Ги гледа и ѝ се чини дека врз нивните образи ту отсјајува радост, ту тага, ту болка и неотстаплива е мислата дека кај сите блика некакво задоволство затоа што и денес тука пак се сите заедно - здрави и неповрдени.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Тие се нејзините очи, тргнати во мракот и оттаму блика мека светлина.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Духот на таа вера просто блика од делото на Ренџов, ги буди спомените за детството, ги оживува приказните за нечестивите кои само ќе ја зголемат силата на Божјото име, ги подотвора пердињата на одаите во кои течеше еден живот налик на вечност, влегува во црквите и манастирските ќелии, и талка по далечините изгазени од нозете на аџиите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Пролетта бликаше во својот полн сјај.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Ко чешма блика крв од под раката на Лазора Ночески. А тој ја мрда дршката од ножот, налево и надесно ја мрда и ножот само влегува подлабоко.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Некаква леснина ни бликаше од душата и нѐ тераше распалавено да се влечеме низ падината.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Па со поглед што блика и зрачи, потонувам до дно во модрината, и кликнувам пак на убавината: Прострелај ме со своите лачи!
„Слеј се со тишината“ од Ацо Шопов (1955)
Од костенливите очи му бликаше некоја умна радост што никому не беше позната, ни зошто, ни како доаѓа во тоа негово намачено, осамено и ненахрането тело.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Можеа со еден поглед да го опфатат и целиот оној огромен човек пред себе, онака црвенокос, со здравје на бог, што бликаше во секое негово движење, во секое влакно од неговата коса, и наеднаш имаа исподзаборавено на сѐ друго.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И пак: Додека луѓето во страв и ужас се криеја, по келарите од куќите и најдлабоките засолништа, од милијардите ледни погледи на сивокрилните Сили што го затемнија небото, оние малкумина меѓу нив што не најдоа засолништа и се затекоа тука, гледаа во чудото што се случуваше пред нивните широко отворени очи, зашто силна светлина бликна од Светијата над светиите и пред неа се отвори тешкиот превез од прашина што надоаѓаше од пустината, а потоа се раствори и сенката на крилестите Сили што светлината ги претвораше во пламен и пепел штом ќе ги допреше, додека нивните трипати свиени шофари паѓаа во снопот, се палеа од неговата огнена сила и се спепелуваа како и крилјата на сивокрилите летачи што ќе ѝ се најдеа на патот на чистата светлина, додека спржените ангели со ледни очи крескаа во ужас и паѓаа одгоре и допламнуваа, превртувајќи се низ воздухот како огромни пеколни факли, а светлината што бликаше од скутовите на Храмот отвораше пат, угоре, кон чистото небо, та тогаш оние од Израилот што го видоа тоа чудо на светлиот пат што ја спои утробата на Храмот со разгрнатата порта на Небото, посведочија уште едно чудо во кое, полека лебдејќи, по патот на светлината почна да се искачува арката на Заветот со Законот во неа и фати да се оддалечува и се упати кон портите Небесни и кога овие ја примија се затвори капијата на Сводот, превез од темни облаци го препокри затвореното небо, а зракот од срцето на Храмот полека почна да слабее сѐ додека наполно не згасна, та во Светињата над светитите ја немаше веќе самата Светиња во која престојуваше Зборот Божји, а за земјата немаше веќе Законот Негов, само студениот ветер на темните Сили...  Доктор Корец ги отвора очите.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Беше сета во бело; си помислив: „непримерно бело за околностиве“; носеше дури и бела баретка, а од под баретката, како од лошо зачепен вруток бликаа руси локни коса.
„Желките од рајската градина“ од Србо Ивановски (2010)
Во приквечерината на овој непроменлив декор од агли и суви камени ѕидишта, бликаше оној огромен свет, полн со преживувања, личности, судири меѓу нив, дива гордост, свет што преминал во минатото, но што е така јасен и жив во неговата пламната глава.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
А Томаица се смееше, додека од очите ѝ бликаше нејзината типична скоро волшебна благост.
„Белиот јоргован“ од Хајди Елзесер (2012)
Повеќе